Бабачев со селекторска функција, Прилеп ангажираше голман, Илиевски го наследува Танески

50

Охриѓанецот Наум Бабачев ќе биде селектор на машката репрезентација на Македонија во ракомет на плажа пред настапот на нашата селекција во Светската лига на ИХФ во полскиот град Плоцк. Собирот на репрезентативците е закажан за 8 јуни, а Бабачев се одлучи за следните десет ракометари: Мартин Ивановски, Леонид Киселоски, Наум Костов, Христијан Крстаноски, Дејан Михајловиќ, Тодор Узунчев, Дамјан Субашевски, Дамјан Тутенкоски, Иван Младенов и Михаил Тотиќ.

Суперлигашот Прилеп во следната сезона ќе биде посилен со поранешниот македонски репрезентативец, голманот Благојче Трајкоски, кој во родниот град се враќа со цел да му помогне на клубот да ја оствари зацртаната цел – пласман во плеј-оф фазата, која во изминатите две сезони за влакно им избега на прилепчани. Трајкоски зад себе има големо искуство, а во Прилеп пристигнува од Бутел Скопје. Во својата кариера настапуваше и за Алкалоид, Куманово, Радовиш, МАКС Струмица, Еурофарм Пелистер и Охрид.

Довчерашниот тренер на младинските репрезентативци, Наум Танески, поднесе оставка, а на негово место доаѓа Игор Илиевски, млад стратег од Пролет. Битолчанецот е препознатлив по добрата работа во младинските категории на клубот, а во оваа сезона со Пролет го освои трофејот во кадетска конкуренција.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT