Тимот на Алкалоид со денешниот тренинг во Автокоманда означи старт на подготовките за новата натпреварувачка сезона, во која покрај домашните обврски, ќе има и европски настапи.
Во составот предводен од легендарниот Кире Лазаров има три нови имиња. Тоа се Нејц Цехте, Вуко Борозан и Матиц Сухолежник.
Нејц Цехте (33) е десен бек кој минатата сезона ја заврши кај финалистот на Лигата на шампионите, екипата на Фуксе Берлин од Германија. Претходно има настапувано и за екипите на Кршко и Горење Велење, за германскиот Хановер, данската екипа ГОГ и за Еурофарм Пелистер.
Црногорскиот лев бек Вуко Борозан (32) е добро познат ракометар кој има настапувано за повеќе екипи од Европа, Блискиот исток и Македонија. Висок е 203 сантиметри и одлично ја познава македонската Супер лига. Борозан последниот клупски ангажман го имаше во Охрид, клуб во кој дојде од Вардар.
Матиц Сухолежник е 31 годишен пивот висок 202 сантиметри и во РК Алкалоид доаѓа од екипата на РД Слован. Во својата кариера има настапувано и за екипите на РК Целје, Данкерк и Саран од Франција, Бенфика од Португалија и за хрватскиот првак РК Загреб.