Стефанов: Од 4. шешир до високо 9. место во Европа – македонскиот ракомет има светла иднина!

60

Машката кадетска репрезентација на Македонија, иако не го стартуваше Европското првенство во Србија според посакуваното, сепак, шампионатот го заврши на совршен начин – на 9. место во Европа.

Нашите надежи зад себе ги оставија велесилите како Португалија и Норвешка, но и довчерашниот европски шампион во кадетска конкуренција, репрезентацијата на Шведска.

Избраниците на Горан Кузманоски одиграа одлично во вториот дел од првенството. По трите порази во групната фаза, Македонија влезе во победнички ритам и ги совлада Италија, Турција, Фарски Острови и Португалија, а на крајот, во директната битка за 9. место, беше подобра и од Израел.

Со пет последователни победи во продолжението од шампионатот, младите македонски ракометари покажаа карактер и квалитет и на најдобар можен начин го заокружија настапот на кадетскиот континентален собир.

Денеска нашите надежи на чело со стручниот штаб беа на прием во седиштето на Ракометната федерација на Македонија, каде што беа пречекани од претседателот Александар Стефанов и генералниот секретар Влатко Тасевски.

Првиот човек на РФМ се огласи и на социјалните мрежи, испраќајќи порака до младите репрезентативци по одличниот настап.

,,Од 4ти шешир до високо 9-то место во Европа!🇲🇰🤾‍♂️
Селекција формирана и за првпат собрана 2025 година. Во грб останаа да ни гледаат ракометни велесили како една Португалија, Шведска, Норвешка, Полска…✅👏
Македонскиот ракомет има сигурна и светла иднина.
Секоја чест деца, вие сте нашите шампиони! 🇲🇰💪,, напиша Стефанов.

 

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT