Кадетскиот репрезентативец на Македонија, Горазд Дамчевски, кој имаше одличен настап на Европското првенство во Србија, на кое нашите надежи го освоија деветтото место, во новата сезона ќе има нов клуб.

Дамчевски, кој досега го носеше дресот на Пролет, се пресели во Автокоманда, откако постигна договор со старо-новиот суперлигаш Мулти Есенс. Левиот бек се очекува да биде големо засилување за младиот состав на Мулти Есенс, кој во новата сезона ќе биде дополнително засилен и со Лазе Великиќески, исто така екс член на Пролет.
Перспективниот ракометар зад себе веќе има неколку големи признанија од младинските категории. Последното признание го освои на Ф4 турнирот во кадетската лига во Битола, каде што беше прогласен за најдобар лев бек, а со Пролет стигна и до шампионскиот трофеј во истата категорија.
На штотуку завршеното првенство во Србија, левиот бек на два натпревари го понесе признанието за МВП од редовите на нашата репрезентација. Кадетскиот континентален собир го заврши со 40 погодоци.
Претходно, талентираниот бек беше дел и од Голден Арт, со кој исто така освојуваше медали и признанија во младинските категории.