Екипата на Еурофарм Пелистер 2 пред својата публика во „Боро Чурлевски“ оствари важна победа во борбата за пласман во плеј-офот. Младите битолчани славеа над еден од директните конкуренти за место меѓу најдобрите шест екипи, тимот на Тиквеш, со 34-27 во натпревар од 7. коло.
Со денешниот триумф, „двојката“ од Битола бодовно се израмни со кавадарчани. Двете екипи сега имаат по седум бода, еден помалку од (засега) петтопласираниот Прилеп, кој исто така е во трката за плеј-оф сегментот.
Домаќините го започнаа натпреварот според посакуваното, а воедно го одиграа и најдобриот меч од почетокот на сезоната. Со цврста игра во одбраната и ефикасна реализација во нападот, поведоа со 4-0 во воведните пет минути, додека по десет минути игра веќе имаа солидна предност од 7-1. Тиквеш тешко наоѓаше решение за играта на битолчани и не успеваше резултатски да се доближи.
Меѓу најважните задачи на одбраната на Еурофарм Пелистер 2 беше да се ограничи придонесот на Азиз Бен Махфуд (најдобриот стрелец на гостинскиот состав) кој тешко доаѓаше до израз во периодите кога беше на теренот.
Избраниците на Ангеловски знаеја како да стигнат до реализација и покрај повремените падови во играта. Тиквеш, од друга страна, не успеваше да влезе во свој ритам, главно бековите реализираа во нападот, но во ниту еден момент не се закани. По првите 30 минути, тимот на Еурофарм Пелистер 2 имаше убедливо водство од плус седум, 17-10.
За само 5-6 минути игра во второто полувреме, домаќинот со голот на Марин Крстевски од пенал поведе со 20-11, по што веќе немаше дилеми околу победникот на последниот натпревар од 7. коло. Во 45-та минута, поранешниот кадетски и младински репрезентативец Давид Димевски погоди за плус десет на домаќинот, 27-17. Во преостанатиот дел, кавадарчани беа во трка со времето да го ублажат поразот и да си заминат од Битола со помала негатива.
Најефикасен во победничкиот тим беше Давид Димевски со девет погодоци од десет обиди, а седум постигна кружниот напаѓач Кристијан Симоноски. Кај Тиквеш отскокна голманот Марјан Велков со девет одбранети удари, додека во нападот Тоше Ончев беше прв стрелец со осум погодоци.
Супер лига, 7. коло, резултати:
Еурофарм Пелистер 2 – Тиквеш 34-27
Вардар – Бутел 38:30
Мулти Есенс – Охрид 26:42
Прилеп -Еурофарм Пелистер 23:39
Куманово – Младост 25:24
Алкалоид – Струга 33:22