Денеска со натпреварот меѓу Алкалоид и Прилеп ќе стартува новото, 9. коло од Супер лигата, а во Битола се очекува интересен дуел меѓу Еурофарм Пелистер 2 и Струга.
Младите битолчани, кои во претходното коло очекувано загубија од Охрид, а во 7. коло целосно го надиграа Тиквеш, ќе се обидат против Струга да стигнат до четвртата сезонска победа. Со новите два бода, битолчани би го зголемиле бодовно салдо на девет бода.
Интересно е што Струга од клупата ја предводи битолчанецот Божидар Мојсов, а во составот има и тројца играчи од Битола – голманите Кристијан Костадиновски и Мартин Јовановски, како и бекот Пеце Рајатоски. Дополнителна вредност на тимот му даваат искусните интернационалци Предраг Родиќ и Никола Јукиќ.
Струга во досегашниот тек од сезоната забележа две победи, против Мулти Есенс и Бутел, а одигра нерешено на гостувањето во Прилеп кај истоимениот тим. На останатите пет натпревари беше поразена, па дуелот во Битола ќе биде добра можност за стружани да стигнат до трета победа и да се вклучат во борбата за плеј-оф позициите.
Еурофарм Пелистер 2 располага со млад и перспективен тим, главно составен од младински репрезентативци, па секој суперлигашки натпревар за нив е дополнително искуство. Интересно ќе биде да се види и како против своите стружани ќе одигра кружниот напаѓач Кристијан Симоноски, кој во досегашните осум кола се наметна како еден од најконстантните играчи во домашната елита.
Неделниот дуел за избраниците на Бранислав Ангеловски ќе биде можност за враќање на победничките патеки и освојување на два „капитални“ бода, со кои би ги зголемиле шансите да играат во плеј-оф сегментот.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер 2 и Струга е закажан за 1 ноември (недела) од 15:30 часот во спортската сала „Боро Чурлевски“. Судии на овој дуел ќе бидат Дејан и Димитар Ѓорѓиевски од Скопје, а за делегат е назначен Ацо Николовски, исто така од Скопје.
ТАБЕЛА
