Екипата на РК Вардар Неготино засега игра според планираното во прволигашката конкуренција и доколку продолжи со истото темпо до самиот крај, неготинци повторно би имале можност да бидат во друштво со најдобрите домашни екипи – Вардар, Еурофарм Пелистер, Охрид, Алкалоид…
Клубот во досегашниот тек од сезоната оствари седум победи, едно реми и еден пораз, и со 15 бода е лидер кај прволигашите.
Амбициите на клубот се совпаѓаат и со плановите за подобрување на спортската инфраструктура во самата општина. При гостувањето во емисијата „Директно“ на телевизија Телма, градоначалничката на Општина Неготино, Марија Нацева, посочи дека спортот во општината се развива и достигнува завидно ниво и посебно го издвои ракометот и стремежот за влез во суперлигашката конкуренција.
Во таа насока, таа најави дека Неготино ќе добие сала по европски стандарди, откако пред неколку месеци бил извршен увид од страна на Министерството за спорт, по што е планирана целосна реконструкција на спортско-рекреативниот центар „Младост“. Иако во 2019 година беше реализирана реконструкција со која се најавуваше враќање на овој култен објект во функција на спортот, зафатот не ги даде очекуваните резултати.
Со оваа најавена реконструкција се очекува конечно да се надминат долгогодишните инфраструктурни проблеми и младите спортисти и клубови во Неготино да добијат модерен и функционален дом достоен за нивните амбиции.
Поради инфраструктурните недостатоци, тимот на РК Вардар Неготино, кој пред неколку сезони беше дел од домашната ракометна елита, суперлигашките дуели против екипи како Вардар и Еурофарм Пелистер мораше да ги игра во училишната сала при гимназијата „Св. Кирил и Методиј“, објект кој засега и понатаму останува единствен домашен терен за клубот во прволигашката конкуренција.
Во моментов, салата „Младост“ ја користат кошаркарките на КК Спорт Тим, кои се натпреваруваат во Втората лига. Во истиот објект минатата сезона се одржа и завршниот Ф4-турнир во М16 женската кошаркарска лига, а на 31 октомври годинава салата беше домаќин и на меѓународниот боксерски настан „Balkan Boxing 13“, на кој настапија боксери од Македонија и странство.