Ристовска: Ќе ги оставиме срцата на теренот, Младеновска: Имаме шанси против сите!
Утре ќе започне 16. издание на Европското првенство во женска конкуренција, на кое еден од 24-те учесници ќе биде и репрезентацијата на Македонија.
Една од најискусните во репрезентацијата на Македонија е Сара Ристовска, која оваа сезона настапува во романскиот Рапид Букурешт. Десното крило смета дека Македонија мора трпеливо да ја чека својата ѓанса на континенталниот собир.
,,Имавме добри подготовки, видов напредок и сфатив дека подобривме многу сегменти во одбраната и нападот. Најпрво играме со силната Шведска, но мислам дека сите се фокусираме на мечот со Турција. Знаеме колку се силни Швеѓанките, па затоа ќе се обидеме трпеливо да ја градиме нашата игра. На Шведска повеќе им одговара брзо и силно темпо, па можеби тука ќе успееме да ги изненадиме. Имаме тим полн со млади и полетни девојки, мислам дека допрва ќе созреваме и растеме. Ќе ги оставиме срцата на теренот и нема да го земеме настапот на Европското првенство здраво за готово. Како капитен на тимот, силно верувам во нашите квалитети“, изјави Ристовска.
17-годишната Младеновска, која ќе го игра второто Европско првенство, вели дека Македонија може да им парира на посилните ривали.
,,Моите очекувања се дека ќе одиграме добар натпревар, и ќе покажеме дека може да против секој и против силни селекции како Шведска. Знаеме дека Шведска е една од најдобрите репрезентации и тие играат одлично, но сметам дека може да парираме. Навистина сум почестена од тоа и среќна сум за тоа што ми предвидуваат, а јас се надевам дека ќе ја оправдам довербата и ќе докажам дека тоа е вистина. Имаме цел да одиграме добро на сите дуели, да го покажеме најдоброто од нашиот тим и најдобрата игра, а секако дека сакаме да победуваме. Мислам дека имаме шанси против сите, но најголеми против Турција. Имаме добра хемија во тимот и добро сме подготвени“, изјави Младеновска.
Првиот натпревар на ЕП, Македонија го игра против Шведска утре во „Феникс Арена“ со почеток во 20:30 часот.