На Европското првенство 2024 во тек е главната фаза, а репрезентацијата на Македонија настапот на континенталниот собир го заврши уште во групната фаза. Македонија беше во група со Шведска, Турција и еден од ко-домаќините на Европското првенство – Унгарија. Избраничките на Кристијан Грчевски беа поразени во дуелите со Шведска (28:18) и Унгарија (29:19), додека против Турција одиграа нерешено (25:25). Тоа беше доволно за 18 место на второто последователно учество на ,,црвено-жолтите”.
Една од дебитанките во репрезентацијата на Македонија на Европското првенство беше левото крило од Чаир, Бојана Диневска, која во разговор за Спортска Димензија, ги сподели своите импресии по нејзиниот деби настап на едно големо натпреварување.
„Како дебитант во репрезентацијата на Македонија оваа година ми беше дадена можност од страна на селекторот Кристијан Грчевски да бидам дел од составот кој ќе учествува на Европското првенство 2024. За мене оваа укажана прилика претставува огромна чест, посебно што бев дел од еден состав од ракометарки како најдоброто од Македонија. Настапот на Европското првенство за мене беше огромно искуство, бидејќи знаеме како изгледа тоа Европско првенство, учествуваат најдобрите репрезентации од Европа со врвни ракометарки, а сега бев директно вклучена во таа приказна.“
Членката на Чаир ги сумираше резултатите остварени на континенталниот собир, истакнувајќи дека е задоволна од сработеното, како на индивидуално, така и на колективно ниво.
„Нашето учество на Европското првенство покажа дека треба многу работа и многу вложување и посветеност, но докажавме дека имаме срце и секоја посакувана победа да се претвори во успех. Секако нашите ривали ни го намалија нашето мото и желба, заедно со огромниот притисок во дресот за својата држава и неискуството, како и младоста. Јас индивидуално сум задоволна од својот деби настап, но секогаш може и повеќе од она што си остварил, особено што треба да се тренира и да се вложува многу повеќе од она што мислиш дека си го достигнал. Групно како репрезентација можам да потенцирам дека девојките одиграа одлично, најмногу покажавме против Турција, а тој натпревар, за наша жал, заврши без победник.“
Диневска својот деби настап на континенталниот собир ќе го памети засекогаш, а како најголеми фаворити на Европското првенство ги издвои репрезентациите на Франција и Унгарија.
„Од Европското првенство ми остана огромна еуфорија, измешани чувства, емоции, големи предизвици и ентузијазам дека играме ракомет на европско ниво за што треба да се докажеш најдобро што знаеш. Според моја проценка, репрезентацијата на Франција или Унгарија ќе освојат злато.“
По настапот на Европското првенство, левото крило го очекуваат домашните обврски со Чаир, како и подготовките за осминафиналниот натпревар од Европскиот Куп против Славија Прага.
„Не сакам да се повторувам во моите изјави, но зошто да не испишеме историја!? нели е тоа гордост за секоја држава. Оптимизмот потекнува секогаш од вербата во себе, а веруваш во себе секогаш кога работиш многу, а знаеш дека не е доволно. Се надевам дека ќе успееме да одиграме на ниво, да ја повториме играта од претходното коло и да направиме уште еден голем успех на европска сцена.“
На овој ЛИНК може да ги прочитате останатите интервјуа