Машката репрезентација на Македонија ја одработува втората фаза од подготовките пред настапот на Светското првенство во Хрватска, Данска и Норвешка.
Селекторот Кирил Лазаров e оптимист за настапот на Мундијалот и очекува многу македонски навивачи да пристигнат во Вараждин.
„Ние имаме многу позитивни искуства од 2009 и 2018 година. Очекуваме дека пак ќе дојдат многу наши навивачи во голем број, а ќе се обидеме да ги освоиме симпатиите и на Хрватите во Вараждин и да бидат наш осми играч. Иако сме еден вид аутсајдери со помош на публиката да пробаме да ги изненадиме Унгарците и Холанѓаните“, изјави Лазаров за „РТЛ“.
Репрезентацијата на Македонија е во група со Холандија, Унгарија и Гвинеја, а најдобрите три репрезентации ќе обезбедат пласман во главната фаза.