Maкедонскиот ракомет утринава го потресе веста за ненадејната смрт на поранешниот репрезентативец и тренер на Пролет, Александар Јовиќ.
Јовиќ е роден во Бијељина во Босна и Херцеговина, а во богатата кариера ги носеше дресовите на пет шампиони на Македонија, беше дел и од славната генерација репрезентативци кои играа на СП 2009.
Во 1994/95 настапуваше за велешки Борец, а во 1997/98 беше дел од составот на Јафа Промет од Ресен. Ги носеше дресовите на босанската Слобода Тузла, италијанската Болоња, хрватските Сплит и Загреб, а играше и за Вардар, Пелистер и Металург каде ја заврши играчката кариера.
Својата тренерска кариера ја почна во Автокоманда, го водеше првиот и вториот тим на Металург, беше дел од Академија Алушовски, потоа работеше во Битола во Еурофарм Пелистер 2 и во првиот тим, каде имаше голем успех и ја врати титулата по 18 години, пред да го преземе Пролет.