Младинскиот репрезентативец Давид Брестовац е најновото засилување во македонскиот шампион Еурофарм Пелистер. Брестовац, кој важи за еден од најдобрите млади голмани на Балканот, со битолскиот клуб потпиша договор на две ипол години и наскоро ќе му се стави на располагање на стручниот штаб.
,,Процесот на доведување млади македонските ракометари во нашите редови продолжува. Давид Брестовац е нов член на Еурофарм Пелистер и се обврза на две ипол годишен договор со нашиот клуб. Се работи за 20-годишен голман, кој доаѓа од ракометно семејство, и веќе има меѓународно искуство. Бранејќи за Котбус и Волф Вирцбург, Брестовац стекна драгоцени минути во нозете. Тој се наметна и носејќи го дресот на македонската младинска репрезентација, со која настапи и на големи натпреварувања. Давид Брестовац веднаш ќе се приклучи на екипата и ќе му се стави на располагање на стручниот штаб”, соопштија од актуелниот шампион.
20-годишниот голман со младинската репрезентација минатото лето го освои деветтото место на Европското младинско првенство во Словенија. Токму на младинскиот континентален собир Македонија беше едно од најголемото изненадување, а Брестовац имаше голем удел во големиот успех.
Неговото претставување е предвидено деновиве, по пристигнувањето во Битола. Давид е син на поранешниот македонски репрезентативец Данило.