Алонсо: Против Фуксе Берлин ќе треба да одиграме на ниво

103

Ракометарите на Еурофарм Пелистер во претпоследното коло од групната фаза од Лигата на шампионите ќе се соочат со Фуксе Берлин. Битолчани со победата над Динамо Букурешт останаа во игра за евентуален пласман во осминафиналето, а тренерот Раул Алонсо, кој добро ги познава сите бундеслигашки тимови, ги истакнаа своите очекувања за натпреварот со ,,лавовите”.

„Го познавам Фуксе Берлин многу добро. Скоро 20 години го градат овој проект на паметен начин. Секогаш имале одлична екипа, пред неколку години играа Ф4 на Лигата на шампионите и сега се во момент кога се борат за трофеите во Германија и целат кон учество на завршниот турнир во Европа. Потпишаа некои врвни ракометари, го имаат најдобриот светски ракометар, го продолжија договорот со него и не е коинциденција што се толку добри. Во состојба се да се натпреваруваат за сите трофеи. Ќе биде тешко да се игра против нив, но треба да се концентрираме на нашата игра и да одиграме на ниво.“, заврши Алонсо.

Левиот бек Павле Атанасијевиќ е оптимист и верува дека со своите играчи можат да дојдат до поволен резултат.

„Имаме тежок распоред и немаме ден за одмор. Сепак, од прв до последен даваме максимум. Одиме кај Фуксе Берлин и пак ќе бидеме на висината на задачата. Тие се одлична екипа, имаат светски ѕвезди и одиме во Берлин да се обидеме да победиме. Тренерот ќе постави тактика во одбраната и нападот и мислам дека ќе одиграме на ниво. Не се откажуваме, играме до последна минута и тоа е карактеристика која нè краси. Никој не може лесно да нè победи. Сите сме мотивирани, нешто посебно игра во нашите тела и нема замор. Одиме чекор по чекор. Прво Фуксе Берлин, па потоа ПСЖ. Најубаво е да се игра пред македонски навивачи. Атмосферата која ја приредуваат „Чкембарите“ и битолчани едноставно те понесува. Убаво е тоа чувство“, вели Атанасијевиќ.

Натпреварот меѓу бундеслигашот и македонскиот шампион ќе се одигра на 27 февруари, со почеток од 20:45 часот.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе