Овој викенд, во рамки на Третата кошаркарска лига, ќе се одиграат натпреварите од 12. коло, а најголемо внимание кај третолигашите ќе привлече битолското дерби меѓу Конзули и Хераклеа. Натпреварот е закажан за 8 март, со почеток во 19:00 часот, во спортската сала „Боро Чурлевски“.
Кошаркарите на Конзули ќе ја имаат домаќинската улога и ќе се обидат да стигнат до седмата победа во тековната сезома. По повод 8 Март – Денот на жената, тимот на Конзули подготви специјално изненадување за сите дами што ќе присуствуваат на натпреварот. На првата меѓусебна пресметка, победа оствари Хераклеа, триумфирајќи со резултат 59-48.
Во моментов, лидер во групата Б е тимот на Овче Поле со 18 бода, Хераклеа е веднаш зад него со 17, додека Конзули имаат 15 бода, два помалку од градскиот ривал. Како што е познато, најдобрите две екипи од трите групи, како и најдобрите две третопласирани екипи, ќе продолжат во четвртфиналето. Пред почетокот на четвртфиналните битки, ќе останат да се одиграат уште две кола, па затоа градското дерби е од голема важност за тимот на Конзули.