Дебитантот во Супер лигата, тимот на Борец Фрутиленд, во остатокот од тековната сезона ќе биде предводен од српскиот стратег Предраг Петљански, кој има богато портфолио. Под негово водство, првите ракометни чекори ги направиле – Марко Вујин, Жарко Шешум, Добривоје Марковиќ, Бојан Бељански…
Искусниот Петљански на репрезентативно ниво беше дел од стручниот штаб на кадетската репрезентација на Србија на Европското првенство 2014 и Светското првенство 2015. Во својата тренерска кариера, освен ангажманите во својата татковина, работеше и во унгарскиот Дунафер, три сезони во српскиот Апатин, а во 2011 година замина во Ал Нор од Саудиска Арабија. Ги водеше и Ал Мудар, Каитан од Кувајт, Ал Наџма од Бахреин… со кои освои многу трофеи во Азија.
Петљански своето деби во Супер лигата ќе го има наредниот викенд, кога велешкиот клуб ќе гостува во Кавадарци кај Тиквеш во последното коло од регуларниот дел на првенството. Потоа, Борец Фрутиленд ќе мора да го даде максимумот во плеј-аут фазата за да си го задржи суперлигашкиот статус.
Како што е познато, тимот од Велес пред неколку дена ја прифати оставката на Владимир Глигоров. Поранешниот селектор на Македонија се повлече од тренерската функција поради незадоволството од исходот на дуелот со Прилеп.