Женската репрезентација на Македонија на 9 април во Кошалин ќе го одигра првиот натпревар против Полска од баражот за пласман на Светското првенство 2025. Реваншот ќе се одржи на 13 април во спортската сала “Боро Чурлевски” во Битола, а избраничките на Кристијан Грчевски очекуваат солидна поддршка од битолската публика.
Дел од стручниот штаб на Полска е легендарната Хајди Локе. Искусната ракометарка кон средината на месец март ја доби улогата помошен тренер во полската репрезентација, која е предводена од нејзиниот сонародник Арне Сенстад. Норвежанката имаше блескава кариера на клупско и национално ниво.
Поранешната репрезентативка на Норвешка кариерата ја започна во Ларвик, потоа шест сезони играше во Ѓер, а во сезона 2018/19 се врати во својата татковина.
Локе има освоено дури пет титули во ЛШ – две со Ѓер и три со Вајперс Кристијансад, додека со репрезентацијата на Норвешка има златен медал од Олимписките игри во 2012 година, две злата од Светското првенство (2011 и 2015) и четири злата од Европското првенство (2008, 2010, 2014 и 2020).