Ракометарите на Барселона во натпревар од 27. коло од Асобал лигата одиграа само реми против тимот на Ла Риоха, 37:37. Иако домаќините водеа на полувреме со 23:17, гостите имаа одличен втор дел и освоија важен бод во борбата за Европа.
За Барселона ова е трет кикс на последните натпревари, по претходните порази од Гранољерс (31:30) и Ваљадолид (26:24). Иако Каталонците веќе ја одбранија титулата во најквалитетното натпреварување во Шпанија, овие резултати укажуваат на одредени слабости во тимот.
Пред неколку дена, каталонскиот гигант беше поразен од ПИК Сегед во реваншот од четвртфиналето од Лигата на шампионите, загуби со 30:29, но поради победата на првиот натпревар од 27:24, си обезбеди нов настап на завршниот турнир во Келн.