Нема крај за нејзината пасија – Мери Гичева ќе игра и следната сезона!

334

Иако има 40 години, поранешната македонска репрезентативка Мери Гичева не размислува за повлекување, туку напротив – решена е и во следната сезона да продолжи да настапува на ракометните терени, со иста страст и посветеност како и досега.

За членката на Деспина Прилеп, годините се само бројка, нејзината посветеност, физичка подготвеност и ракометна интелигенција се на ниво на многу помлади играчи. Доказ за тоа се и понудите што сè уште ги добива од клубови надвор од Македонија, а дополнителна потврда за нејзините квалитети е и фактот што веќе втора сезона по ред е номинирана за најдобар среден бек од страна на специјализираниот ракометен портал 24Ракомет.

Гичева е вистински пример за професионалец и инспирација за младите. Освен што сè уште игра на високо ниво, таа со подеднаква страст ја извршува и својата тренерска улога кај пионерките на Деспина, каде што е исклучително почитувана.

Најмалите ја обожаваат, не само поради нејзиното искуство, туку и поради вниманието, трпението и љубовта со кои им го пренесува знаењето и под нејзино водство, многу млади таленти веќе ги прават првите чекори во ракометот.

Искусната Гичева откако се врати во Македонија најпрво беше дел од Гевгелија, потоа ги засили редовите на Деспина. На интернационално ниво настапуваше за Цетате Дева од Романија, Верона од Италија, Верија од Грција, како и за косовските Приштина, Вучитрин и Феризај.

Во Македонија беше дел и од Кометал Ѓорче Петров, Еуростандард Ѓорче Петров, Кабран Амбалажа и Жито Прилеп.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT