Тивко, но со голем траг: Под негова палка се калеа дел од репрезентативците на Фарски Острови

1.821

Фарски Острови ќе играат за бронза на СП, а Македонецот Борче Марковски има голем придонес во успехот на Фараните!

Репрезентацијата на Фарски Острови на Светското младинско првенство во Полска ќе се бори за бронзениот медал, откако во полуфиналето по голема борба од 80 минути беше поразена од Португалија со 38:37. Иако нема да играат за златото, пласманот меѓу најдобрите четири репрезентации претставува ИСТОРИСКИ УСПЕХ за малата земја со население од околу 50.000 жители.

Фарски Острови беа еден од ривалите на Македонија во групната фаза, освен против нас, триумфираа уште против Романија, одиграа реми со Исланд, потоа во главната фаза беа подобри од Франција, а загубија од Данска, додека во четвртфиналето целосно ги надиграа Словенците.

Свој голем придонес во развојот на дел од актуелните репрезентативци на Фарски Острови има и македонскиот тренер Борче Марковски, кој остави голем белег во ракометот таму преку работата во клубовите СТИФ, Аргир и Клаксвик, а беше и тренер во ракометната академија во Торшавн, каде што работеше со најталентираните ракометари.

Марковски, битолчанец кој на островската земја престојуваше од 2020 до 2024 година, активно беше вклучен и во развојот на младинските категории во клубовите во кои работеше. Под негово водство се калеа и напредуваа повеќе талентирани ракометари, меѓу кои и дел од денешните репрезентативци на младинската репрезентација – Тругви Хавардсон, Софус Селвинди и Буи Поулсен.

„Фарски Острови се мала држава со скандинавски менталитет. Имаат добра соработка со ракометната федерација на Данска, системот на Данска за работа со младите категории е пресликан, и вложуваат многу. За нивниот систем и пристап може многу да се зборува, особено што како мала земја имаат јасна визија за тоа како ракометот да се развива на високо ниво“, изјави Марковски.

Како еден од првите македонски тренери што се стекнаа со престижната Мастер Коуч лиценца, Марковски на домашната сцена предводеше неколку клубови, меѓу кои Жито Прилеп, Преспа, како и машкиот и женскиот тим на Пелистер. Еден период беше дел и од тренерскиот кадар во школата на Кире Лазаров – КЛ7.

Искусниот стратег во изминатата сезона работеше во машкиот и женскиот клуб Ла Сал од Малта.

 

 

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT