Дресот на Феникс во новата сезона ќе го носи и еден од најталентираните кошаркари на генерацијата 2002, Таулант Ибраими, поранешниот младински репрезентативец на Македонија кој со себе носи и прволигашко искуство. Бекот кој во минатото беше дел и од тимови во САД и Литванија, во „Фабриката“ за таленти доаѓа по сезона помината во Охрид со кој на елитната кошаркарска сцена во Македонија бележеше просек од 8.2 поени, 1.9 скокови и 1.8 асистенции на 28 одиграни средби.
Претходно, раководството на клубот ги ангажираше Маркис Дајвис, Мајлс Браун и Адам Сисе. Феникс новата сезона во Првата лига ќе ја стартува со натпреварот против Работнички, во второто коло ќе се соочи со Чаир, а до крајот на 2024 година ќе ги одигра натпреварите и против Вардар, ТФТ, Тиквеш, Пелистер, Куманово, Гостивар, Кожув, МЗТ Скопје и Шкупи.