Екипата на Овче Поле Славјански Универзитет врза три победи по ред во прволигашката конкуренција и ги одржува шансите за висок пласман. Една од најзаслужните за позитивните резултати на клубот од Свети Николе е Елена Вучевска, која во разговор за Спортска Димензија даде свое видување за досега сработеното.
„Можам да кажам дека сум задоволна од досега постигнатото. Иако првиот натпревар го загубивме затоа што не игравме во цел состав, на следните три натпревари покажавме вистинска сила и тимска игра. Победите ни дадоа дополнителна мотивација и уверување дека можеме уште подобро.“
Овче Поле Славјански Универзитет утре против Деспина во рамките од 5. коло ќе атакува на нов, четврти триумф, а Вучевска вели дека прилепчанки заслужуваат почит, но се надева на нова победа.
„Деспина е сериозен противник и тим што заслужува почит. Ги познаваме нивните клучни играчи и стилот на игра, но верувам во нашиот тим и во тоа што го работиме на тренинзите. Ако ја задржиме концентрацијата и тимскиот дух од претходните натпревари, сигурна сум дека можеме да ја продолжиме победничката серија, особено бидејќи играме дома и имаме поддршка од нашите навивачи.“
Според Вучевска, пресудно на утрешниот натпревар би била одбраната, како и тимската игра.
„Мислам дека клучно на овој натпревар ќе биде одбраната и тимската игра. Ако се придржуваме до договорената тактика и ја искористиме секоја шанса во нападот, можеме да дојдеме до нова победа. Многу ќе зависи и од нашата енергија и меѓусебната поддршка на теренот.“
Избраничките на Илија Бетувски посакуваат наредната сезона да бидат дел од најквалитетното натпреварување.
„Сметам дека Овче Поле Славјански Универзитет има потенцијал за големи резултати оваа сезона. Имаме млад, но квалитетен состав и добра атмосфера во тимот. Ако продолжиме со напорна работа и дисциплина, можеме реално да се бориме за пласман во Супер лигата. Секако, одиме чекор по чекор и се фокусираме на секој нареден натпревар.“
Вучевска изрази голема благодарност до сите поддржувачи на клубот и ги повика повторно да бидат нивниот осми играч на утрешното соочување со Деспина.
„Би сакала да им се заблагодарам на сите навивачи за поддршката што ја даваат. Дојдете и навивајте за нас, заедно со вашата поддршка можеме да направиме голема разлика на теренот.“
Натпреварот меѓу Овче Поле Славјански Универзитет и Деспина ќе се одигра утре со почеток од 18:00 часот во спортската сала „Цар Самоил“ во Свети Николе.