Делчевци живеат за кошарката – со нетрпение го очекуваат стартот од елитната конкуренција

467

Несомнено е дека во Источна Македонија кошарката е спорт број еден, а резултатите на Патриот од малиот град Делчево се само потврда за успешноста на овој спорт во источниот дел на нашата држава. Токму овој клуб е еден од најголемите успешни клубови од овој дел на Македонија и секоја сезона макотрпно работи за да дојде до посакуваната цел. Делчевци по пауза од пет години повторно ќе имаат можност да го гледаат најдоброто од Македонија, откако женскиот тим на Патриот минатата сезона избори пласман во Првата А лига. Последен пат, овој клуб во елитната конкуренција се натпреваруваше во сезона 2019/20. Пласманот на Патриот во Првата А лига би требало да донесе поголема популаризација на кошарката во Делчево, па така најмладите ќе бидат на вистинското место за развој на својот талент. Најголемиот успех на клубот е освојувањето на Купот на Македонија во 2013 година, како и играњето во двете финалина за шампионската титула на Македонија во сезона 2010/11 и 2015/16.

Предводени од тренерот Љупчо Петровски, кој ја извршува и претседателската функција на клубот, кошаркарките на Патриот во минатата сезона конечно дојдоа до посакуваната цел – пласман во Првата А лига. Најпрво одиграа одлично во регуларниот дел од Првата Б лига и завршија на првото место. Тоа на кошаркарките на Патриот им донесе и бараж дуел за пласман во плеј-офот за шампионската титула, па така во бараж натпреварот на двапати беа подобри од Струга. Во разигрувањето за титулата за ривал го имаа актуелниот првак на Македонија, Баскет Кам 2011, па јасно беше дека клубот од Македонска Каменица ќе оди понатаму. Во изминатите три сезони Патриот го освојуваше првото место во Првата Б лига.

Во претстојната сезона Патриот во првото коло од Првата А лига ќе се соочат со Крива Паланка, во второто коло за ривал го имаат Бакет Кам 2011, а за трет ривал МЗТ Скпје А. По одиграните три кола, кои треба да дадат јасна слика за квалитетот на поголемиот дел од клубовите, тимот на Патриот го очекуваат натпреварите и со Бадел, Куман – Гризли,  Пробаскет и Вардар во рамки од првиот дел од натпреварувачката сезона 2014/25. Во меѓувреме, клубот промовираше неколку засилувања – млади сили, кои поседуваат голем потенцијал. Љубителите на кошарката во Делчево со нетрпение ја очекуваат новата сезона, па сигурно избраничките на Петровски ќе имаат голема поддршка од трибините. Натпреварите од Првата А лига ќе започнат на 12 октомври.

Клубот од Делчево може да се пофали со одлични резултати и во младинските категории. Во склоп на клубот работи кошаркарската академија КК ,,Клубски Патриот”. Во 2022 има освоено прво место во М16, во 2023 прво место во М12, додека во ланската сезона второ место во М18.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе