Кадетите на Вардар, предводени од Никола Никчевиќ и голманот Алекс Трајановски, славеа на гостувањето во Богданци кај Младост со 39:21 во натпревар од 12. коло од групата Б и веќе можат да се подготвуваат за настап во плеј-оф фазата, бидејќи на две кола пред крајот на регуларниот дел, се наоѓаат на 2. позиција на табелата со 16 бода.
Во спортската сала „Млаз“ голгетерско издание имаше членот на Вардар, Никола Никчевиќ, кој постигна дури 11 погодоци, а неговиот колега, голманот Алекс Трајановски натпреварот го заврши со 10 интервенции.
За оние кои ги следаат младинските категории знаат дека Трајановски во досегашниот дел од сезоната, како и во минатата сезона, на речиси секој натпревар за „црвено-црните“ во кадетската и младинска лига не беше под 10 интервенции. Иако пропушти три натпревари кај кадетите оваа сезона поради операција, младиот голман од Ресен, кога и да застане меѓу стативите, секогаш е на висина на задачата.
Во последните две кола од регуларниот дел, кадетскиот тим на Вардар за ривали ги има Македонија Ѓорче Петров и Куманово.