Женската лига со (не) интересни натпревари – фаворитите „билдаат“ гол-разлика

416

Изминатиот викенд беше комплетирано 3. коло во единственото женско сениорско натпреварување во Македонија. На сите натпревари немаше изненадувања, па сосема е јасно кои екипи би играле во плеј-оф, а кои во плеј-аут фазата. Актуелниот шампион Ѓорче Петров повторно е голем фаворит за освојување на титулата, но ланската сезона бевме сведоци дека може да се случи изненадување кога Металург Автокоманда одигра реми со „лавиците“. Тука е Чаир, кој секогаш бил незгоден ривал, посебно на домашен терен, па така тренерот Басри Љатифи има солиден ростер сезонава, надополнет со искусните Теодора Гулицоска, Габриела Величковска и Маја Каранфиловска.

ФОТО: РФМ

Токму во плеј-офот ќе следиме возбудливи натпревари, а сега, во регуларниот дел остануваме да бидеме сведоци на (не) интересни натпревари, во кои фаворитите „билдаат“ гол- разлика. Дел од тимовите, како вториот тим на Ѓорче Петров, Овче Поле СУ, Гевгелија…ќе го користат секој натпревар за собирање драгоцено искуство. Најдобрите две екипи од секоја група ќе играат во плеј-оф фазата.

НЕИЗВЕСНА СИТУАЦИЈА ВО СТРУГА

Екипата на Стружанка во 3. коло требаше на гостува во Штип кај Астибо, но раководството на клубот од Струга ја известило ракометната куќа дека нема да патува, па така штипскиот клуб ќе го добие службено натпреварот (10:0). Засега, не е познато од кои причини Стружанка го откажа патувањето во Штип, најверојатно поради кратката клупа, или пак, од финансиски причини.

НАСТАПИТЕ ВО ЕВРОПА ЌЕ БИДАТ ВИСТИНСКИ ТЕСТ ЗА ,,ТЕЖИНАТА” НА МАКЕДОНСКИТЕ ЕКИПИ

Ѓорче Петров, Металург Автокоманда и Чаир ќе бидат годинешните претставници на Македонија на европска сцена. Ѓорче Петров оваа сезона се пријави во второто по ранг европско клупско натпреварување – Лигата на Европа, додека Металург Автокоманда и Чаир ќе бидат дел од Европскиот Куп, во кој лани Ѓорче Петров стигна до ТОП 8.

Ѓорчепетровки во втората рунда од Лигата на Европа за ривал го имаат Хорс од Шведска. Македонскиот шампион доколку го елиминира шведскиот тим тогаш оди во третата рунда, а таму го чека некогашниот моќен француски тим – Париз. Докоолку Ѓорче Петров ја мине големата пречка во името на Париз, тогаш избраничките на Симе Симовски ќе играат во групната фаза од Лигата на Европа.

Чаир и Металург Автокоманда настапот во Европскиот Куп ќе го стартуваат од второто коло. Тимот на Чаир за ривал го има Керженг од Луксембург, додека Металург Автокоманда турскиот Гореле. Двата тима имаат големи шанси да обезбедат пласман во следната рунда од Европскиот Куп.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе