Со натпреварот меѓу Металург Автокоманда и Астибо заврши есенскиот дел во Супер лигата кај дамите, а по 13 одиграни кола, членката на Астибо, Марија Анчева, е лидер на листата на стрелци.
Искусната ракометарка, која воедно е и главен тренер на пионерскиот тим на Астибо, ја предводи листата со 136 постигнати погодоци. Анчева веќе неколку сезони по ред е најдобар стрелец во Женската лига.
Втор најдобар стрелец по завршувањето на есенскиот дел е Зорица Андовска од Спартак со 115 погодоци, а во ТОП 5 се уште Мариана Да Силва Азеведо од Куманово со 91, Леона Миленкоска од Вардар со 88 и Анастасија Тодоровска од Пелистер со 80 погодоци.
На шестата позиција се наоѓа Емилијана Ризоска (Ѓорче Петров) со 77 погодоци, седма е Билјана Дамчевска (Чаир) со 72, осмата позиција ја држи Стефанија Ѓорѓиевска (Ѓорче Петров) со 65, додека на деветтото и десеттото место се Рона Мифтари (Чаир) со 63 и Марија Јанкуловска (Металург Автокоманда) со 62 погодоци.