Екс играч на Прилеп ја заврши кариерата, Борозан пред заминување од Вардар, Куманово се раздели со уште тројца

653

Поранешниот репрезентативец на Србија и БиХ, десниот бек Никола Јеремиќ, кој во минатата сезона беше дел од Прилеп, но поради повреда не играше многу, одлучи да ја заврши својата ракометна кариера. Јеремиќ сега целосно е посветен на нова професионална насока – фитнес индустријата, а моментално живее во Шпанија, на Ибица. Во текот на својата кариера, ракометарот од Добој, покрај настапите за клубот од родниот град, играше и за Војводина, Борац Бања Лука, како и за шпанската Ибица.

Според шпекулациите во ракометните кулоари, црногорскиот интернационалец во редовите на Вардар, Вуко Борозан, најверојатно ќе го напушти македонскиот вицепрвак. Искусниот лев бек, по сè изгледа, ќе си замине од редовите на „црвено-црните“ пред стартот на вториот дел од тековната сезона, односно за време на зимската пауза. Борозан се најде на списокот кај селекторот Дидие Динар за настапот на Црна Гора на Европското првенство во Данска, Норвешка и Шведска.

Еден од тимовите што ќе се бори за опстанок во Супер лигата, Куманово, кој во продолжението од сезоната ќе биде предводен од нов тренер, се раздели со уште тројца ракометари. Клубот повеќе нема да смета на левиот бек Огњен Радојичиќ, голманот Христијан Михајловски и кружниот напаѓач Стефан Лазаревски. Претходно, пред завршувањето на есенскиот дел од сезоната, Куманово се раздели и со десниот бек од Бразил, Гиљерме Фернандеш, како и со средниот бек од Хрватска, Лука Матачиќ, а во текот на првиот дел од сезоната и со Виктор Трифуновски.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT