Македонскиот вицешампион Пелистер победнички го започна настапот во АБА 2 лигата, откако пред својата публика во спортската сала „Боро Чурлевски“ триумфираше над босанскиот Широки Брјег со 74:72. Иако битолчани триумфираа минимално, сепак, треба да се истакне дека Пелистер од самиот почеток го контролираше резултатот, на пет минути до крајот имаше и двоцифрена предност, но гостите се вратија и на крајот овој интересен натпревар заврши со два поена предност за домаќините.
Антоан со 16 поени беше прв стрелец во оваа победа на Пелистер, Мишковиќ стигна до дабл-дабл од 13 поени и 11 скокови. Бојиќ го заврши мечот со 9 поени и 8 скокови, а по осум поени во оваа победа реализираа Стајиќ, Костоски и Едвардс.
„Сигурно не требаше да дозволиме да има драма, кога веќе на четири минути до крајот имавме плус 13 и наш напад. Сепак, брзоплетоста на нашите играчи придонесе предноста брзо да се истопи. Се влезе во неизвесна завршница, но и во тие последни секунди имавме контрола над резултатот… Им честитам на моите играчи кои дадоа се од себе, од прв до последен кои влегоа на терен и дадоа свој придонес. Мечот се одигра во еден одличен амбиент, вистински спектакл, верувам дека на следниот натпревар ќе имаме уште повеќе публика. Среќен сум, ова ни е прва победа сезонава, но немаме многу време, веќе викендов пред нас е и првото коло од Супер-лигата и дуелот со Тиквеш во Кавадарци. Одиме од натпревар во натпревар, јас верувам дека на секој нареден меч ние ќе играме подобро и подобро, екипата е нова и нормално е да ни е потребно време за целосно воигрување. Во секој случај, ова е една голема победа, историски триумф за Пелистер во Битола“, изјави тренерот на Пелистер Александар Петровиќ.
Пелистер во второто коло од регионалното натпреварување за ривал го има тимот на Подгорица. Овој дуел ќе се одигра на 15 октомври во главниот град на Црна Гора.