Будимир откри кој клуб ѝ го понудил најголемиот договор на светот

554

Поранешната ракометарка на Кометал ЃП, Андријана Будимир, која во текот на својата богата кариера настапуваше и за Шлагелсе, Подравка, Валенсија…во интервју за српскиот „Мондо Спорт“ зборуваше за состојбата во женскиот ракомет во Србија, за потенцијалот на ЖРК Војводина со која стана есенски шампион во тамошната Втора лига, за титулата со Кометал ЃП, како и за други теми од ракометот.

Будимир, која сега предводи женска екипа, односно е тренер на ЖРК Војводина, се присети и на заминувањето од Кометал и потпишувањето за хрватскиот шампион Подравка.

,,Воопшто не успеав да се договорам со Кометал. Од оваа перспектива, се расправавме околу некои смешни работи и за мојот потпис се бореа Крим и Подравка. Јас ѝ подадов рака на Подравка, а по неколку дена се јави Јанковиќ и ми го понуди најголемиот договор на светот. Сепак, јас кога ќе дадам збор – тоа е тоа. Подравка беше нов предизвик, се играше во Лигата на шампионите. Не можев да се договорам со Кометал, а Крим беше врвна екипа, но тренерот не ми се допаѓаше нешто. Интересна приказна, во Подравка беа многу фер во однос на сè. Многу ги сакам предизвиците и секогаш го избирам потешкиот пат”, изјави Будимир.

Легендарната Будимир со Кометал Ѓорче Петров ја освои титулата во Лигата на шампионите во сезона 2001/02, а со Шлагелсе во сезона 2004/05.

Својата тренерска кариера ја започна во Академијата на Вардар, потоа ги водеше РК и ЖРК Скопје, како и младинските екипи на овие клубови, а ќе остане запаметена како првата дама која со тимот на Скопје ја освои Првата лига во сезона 2020/21.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT