Ракометарите на Тиквеш пред својата публика ја оправдаа фаворитската улога против „фенерџијата“ Радовиш, славејќи со убедлива победа во натпревар од 19. коло од најквалитетното домашно натпреварување, триумфираа со 44:23 (19:12).
Радовишани парираа колку што можеа и 20 минути беа рамноправен ривал, но потоа домаќините влегоа во серија и започнаа од минута во минута да ја зголемуваат предноста.
Одлична партија во редовите на домаќините имаа Томче Стојановски со десет и Димитар Коцев со девет погодоци, а голманите Благој Панов и Василије Печурица собраа вкупно десет интервенции. Кај Радовиш, кружниот напаѓач Томче Трајчевски беше најефикасен со шест реализации.
Кавадарчани сега имаат 20 бодови, исто колку и Бутел Скопје, додека останатите два конкуренти на тимот од Кавадарци за пласман во плеј-офот, Еурофарм Пелистер 2 и Прилеп, имаат 17, односно 16 бодови.
Тиквеш во рамките на 20. коло ќе гостува токму кај Прилеп и со евентуална победа ќе биде со една нога во плеј-оф фазата.
Пласман во плјеј-офот обезбедуваат најдобрите шест екипи.