Дисциплинската комисија на Ракометна федерација на Македонија (РФМ) донесе одлука со која на ЖРК Металург Автокоманда му се изрекува дисциплинска санкција – укор, поради неодигрувањето на натпреварот од 14. коло во Супер лигата против ЖРК Чаир.
Согласно донесената одлука на состанокот одржан на 18.02.2026 година, натпреварот се регистрира со службен резултат 10:0 во корист на Чаир, а на Металург Автокоманда му се одзема и еден бод од бодовното салдо, врз основа на член 13 став 1 од Пропозициите на Супер и Првата лига во женска конкуренција за 2025/26 и член 8 од Дисциплинскиот правилник на РФМ.
Од клубот претходно не беше испратен официјален допис за откажување од натпреварувањето, иако тимот поради финансиски проблеми остана без сите ракометарките од првиот состав, а поголемиот дел од помладите најдоа нови средини.
Во 15. коло, Металург Автокоманда за ривал го има Вардар, а доколку се повтори ситуацијата како со Чаир, тогаш клубот ќе биде исклучен од лигата.
