Екипата на Овче Поле Славјански Универзитет во 15. коло од Првата лига пред својата публика успеа да го совлада МРК Ѓорче Петров со 29:20, со што го презеде второто место на табелата – позиција што води во суперлигашки бараж.
Клубот од Свети Николе во првата меѓусебна пресметка со скопјанките беше несреќно поразен, но сега на второто соочување одигра речиси на посакуваното ниво и успеа да ги освои важните бодови.
Тренерот Илија Бетувски е задоволен од прикажаната игра на неговите избранички.
„За овој натпревар посветивме посебно внимание. Неделниот тренажен процес го насочивме кон нашата игра, како во одбраната, така и во нападот. Девојките натпреварот го одиграа точно така како што се договоривме. Ракометарките покажаа дека имаат квалитет да одиграат одлично кога е најтешко, иако голем период одигравме без два клучни играча поради директни црвени картони. Голманите Станчева и Маркоска беа одлични на голот и имаа голем придонес за победата. Горд сум на девојките, успехот е неминовен“, изјави Бетувски.
Следен предизвик за Овче Поле Славјански Универзитет ќе биде незгодното гостување во Струга кај Стружанка.