Ракометната федерација на Македонија донесе дисциплинска одлука со која РК Кичево добива строга санкција поради прекршување на правилата. Согласно одлуката на Првостепената дисциплинска комисија при РФМ, тимот на Кичево службено го губи натпреварот против Младост Богданци со резултат 10:0, а дополнително му се одзема и еден бод од бодовното салдо.
Покрај ова, РК Кичево е исклучен од понатамошното натпреварување во Првата машка лига за сезоната 2025/26 и ќе треба да плати парична казна во износ од 60.000 денари.
Дисциплинските мерки не застануваат тука, па одговорното лице на клубот добива забрана за вршење дејност во ракометот во период од три години, како и забрана за формирање или пријавување на нов клуб во истиот временски рок.
Оваа санкција се однесува и на сите младински категории на клубот. Одлуката е донесена врз основа на Статутот и Дисциплинскиот правилник на РФМ, како и според пропозициите за натпреварување во прволигашката конкуренција.
Натпреварот меѓу Кичево и Младост, кој беше закажан за 22 март, не се одигра од технички причини во СЦ „Билјанини Извори“. Со оглед на тоа што кичевскиот клуб веќе имаше службен пораз од 2. коло, беше јасно дека ќе следува и исклучување од натпреварувањето.

Преостанатите натпревари на Кичево во прволигашката конкуренција ќе бидат регистрирани со 10-0 за ривалите. Првата лига до крајот на сезоната продолжува со 12 екипи.