Еден од тренерите кои оставија длабока трага во македонскиот клупски ракомет, Лино Червар, ќе биде нов предводник на Еурофарм Пелистер во следната сезона.
Искусниот хрватски стратег веќе стави потпис на договорот со битолскиот клуб и во наредната сезона ќе има задача да го врати тимот на шампионските патеки на домашна сцена.
75-годишниот Червар во изјава за хрватскиот портал „24 часа“ кратко ја потврди новата авантура во Битола.
„Луѓето од Пелистер имаа голема желба да дојдам. Со оглед на тоа дека не можам да работам тука, морам знаењето и искуството да ги пренесувам во странска земја, на туѓи деца. Имам поинакво мислење и теорија за тренингот, но овде не можев да работам“, изјави Червар за „24 часа“.
Еурофарм Пелистер оваа сезона не успеа да го освои Купот на Македонија, ниту да ја одбрани шампионската титула. Иако во Лигата на шампионите не успеаја да ја минат групната фаза, сепак, оставија солиден впечаток.
,,Не треба да се трошат зборови за тренерската кариера на стручњакот од Умаг. Беше селектор на Италија, Хрватска и Македонија, ги водеше Загреб и Металург, ги освои скоро сите титули со националниот тим на својата земја… Червар во Македонија направи големи работи со Металург и македонската репрезентација, афирмираше многу ракометари, освојуваше титули, а и создаваше зрели личности од своите млади момци”, стои во дел од соопштението на Еурофарм Пелистер.