Суперлигашката сезона влегува во самиот финиш, а едно од најважните прашања – кој ќе заврши како вицешампион – би можело да добие одговор токму во Охрид.
Амбициозниот состав на Охрид, кој во Европа ќе се бори за трофеј, во среда (20 мај) на домашен терен ќе го пречека Еурофарм Пелистер во натпревар од претпоследното коло од суперлигашкиот плеј-оф.
Охридскиот тим сезонава покажа дека знае како против битолчани и на избраниците на Борис Ројевиќ им одговара и реми за да останат пред ривалот и да го осигураат вицешампионскиот статус.
За разлика од нив, Еурофарм Пелистер нема право на кикс и во „Билјанини Извори“ ќе мора да оди на победа доколку сака да ги задржи шансите за втората позиција пред последното коло.
Охрид во последното коло ќе игра против Тиквеш, а Еурофарм Пелистер на свој терен ќе го пречека Алкалоид.
Во моментов Охрид има 50 бодови, два повеќе од битолскиот состав, додека шампионската титула веќе ја обезбеди Вардар.
Дербито е закажано за 18:00 часот, а главни судии ќе бидат Димитар Митревски и Благојче Тодоровски, додека делегатската функција ќе ја извршуваат Марјан Начевски и Лери Мирчески.