Младинците на Вардар во натпревар од 6. коло од плеј-аут фазата во младинската лига пред својата публика славеа над Вардар Неготино со 41:28.
По поразот во последната секунда во претходното коло од Еурофарм Пелистер, овој пат „црвено-црните“ не дозволија неизвесност и работата ја завршија уште во првото полувреме, кое го добија со 17:12.
Во вторите 30 минути неготинци подзастанаа, па домаќините на крајот стигнаа и до поубедлива победа од 13 гола разлика. Најефикасен во победничката екипа беше Никола Никчевиќ со девет погодоци, а по седум постигнаа Лука Перуновски и Максим Тодоровски.
Солиден на голот на домаќините беше и Алекс Трајановски, кој во второто полувреме запиша 12 интервенции и уште еднаш го потврди својот квалитет.
Трајановски заедно со Никчевиќ, како и Антевски, го оправдаа повикот во младинскиот тим, каде што добија можност за докажување покрај настапите за кадетскиот и пионерскиот состав.
Кај Вардар Неготино, Јован Јовановски беше стрелец на 12 погодоци, а го следеше Лазар Кузев со осум реализации.