Машката ракометна репрезентација на Македонија денеска ги стартува квалификациите за пласман на Европското првенство 2028 година, на кое ко-организатори ќе бидат Шпанија, Португалија и Швајцарија.
Прв ривал е репрезентацијата на Луксембург, а вниманието на македонската спортска јавност и на присутните во салата пред стартот на вечерашниот дуел беше насочено кон едно ново име во националниот состав, левиот бек Дмитро Горига.
Поранешниот вардарец, кој неодамна ги доби потребните документи и правото да ги брани боите на Македонија, пред самиот почеток на натпреварот, за време на интонирањето на државните химни, уште еднаш го потврди она што го најави при првиот собир со репрезентацијата, гордо ја пееше „Денес над Македонија“, рамо до рамо со своите нови репрезентативни колеги.
Украинецот со македонски пасош најави дека на секој собир ќе го дава својот максимум за македонската репрезентација.