Поранешниот кадетски и младински репрезентативец на Македонија, Давид Димевски, најверојатно нема да остане во Куманово. Според информациите на Спортска Димензија, најдобриот стрелец во Супер лигата за сезона 2024/25 посакува нов предизвик во кариерата, па се очекува во наредниот период да биде позната неговата нова средина.
Димевски во сезона 2024/25 беше најдобар стрелец во најквалитетното домашно натпреварување, откако постигна 237 погодоци. Во претходната сезона, кога Куманово исто така успеа да обезбеди опстанок во суперлигашкото друштво, запиша 94 погодоци ( имаше 55% успешност на реализаци).
Кумановецот беше стандарден член на кадетската и младинската репрезентација на Македонија. На Светското кадетско првенство во Хрватска во 2023 година, заедно со „црвено-жолтите“ го освои деветтото место. Настапи и на Европското младинско првенство во Словенија, каде што Македонија со победата над Франција го освои деветтото место, а играше и на Светското младинско првенство минатата година во Полска.

Искуство стекнуваше и надвор од Куманово, поточно во Мулти Есенс и Работнички. Во сезона 2020/21 заврши како најдобар стрелец во прволигашката конкуренција. Она што го прави Димевски особено квалитетен играч е неговата способност да игра на сите бековски позиции, како и да преземе лидерска улога во нападот.