Селекторот на женската сениорска репрезентација на Македонија, Кристијан Грчевски, го објави скратениот список за Европското првенство 2024. На списокот кај Грчевски има 21 ракометарка, 13 од нив се интернационалки, додека осум ракометарки се членки на домашните клубови. Откако не се најде на поширокиот спиосок, една од најдобрите интернационалки на Македонија, Леонида Гичевска, дефинитивно отпадна од настап за континенталниот собир.
Гичевска во 2020 започна интернационална кариера, настапуваше во Франција, Хрватска, Романија…сега игра во некогашниот европски гигант Лада Тољати од Русија. Зад себе има и настапи во Лигата на шампионите и останатите Европски натпреварувања, како и настап на Европското првенство 2022, на кое Македонија беше еден од ко-организаторите, па нејасно е зошто за левиот бек нема место во репрезентацијата.
Левиот бек уште во сезона 2013/14 учеше од најдобрите кога добиваше шанса во ѕвездениот тим на поранешниот шампион на Македонија, Вардар.
Македонија на Европското првенство 2024, кое ќе стартува на 28 ноември, е во група со Шведска, Турција и Унгарија, која заедно со Австрија и Швајцарија се домаќини на најдобрите европски репрезентации.
20 ракометарки ќе можат да патуваат на ЕП, а во наредниот период ќе биде познато колкава ќе биде делегација на Македонија во Дебрецин.