Поранешниот кадетски и младински репрезентативец на Македонија, Димитар Узунчев, во претстојната сезона ќе го носи дресот на словенечкиот гигант и поранешен освојувач на Лигата на шампионите, тимот на Целје.
Талентираниот десен бек, кој последните две сезони ги мина во редовите на Бутел Скопје, со овој трансфер го направи својот прв интернационален чекор во кариерата.
Словенечкиот шампион денеска и официјално ги стартуваше подготовките за новата сезона, во која покрај настапите на домашна сцена, ќе игра и во Лигата на шампионите. Меѓу ракометарите кои го одработија првиот тренинг под водство на стручниот штаб беше и самиот Узунчев. Македонскиот бек во Целје ќе го носи дресот со број 10.
Во изминатата сезона, тимот на Целје беше елиминиран од Охрид во полуфиналето од ЕХФ Европскиот Куп, но за новата сезона клубот доби вајлд-карта, исто како и Вардар, за настап во најквалитетното европско натпреварување.
Целје во Лигата на шампионите ќе игра во група со екипите на Загреб, Алборг и ПСЖ.