Ново засилување во Битола

2

Во неделата заврши годинешното издание на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“ во Прилеп, на кој настапија повеќе од 20 ракометари кои се дел од младинските категории на Македонија. Еден од учесниците беше и Еурофарм Пелистер 2, кој настапот на турнирот го заврши на третото место, по победата над Мулти Есенс во натпреварот за бронзениот медал.

На трибините во спортската сала при СОУ „Ристе Ристески-Ричко“, заедно со останатите ракометари кои не беа во составот на „двојката“, беше и Данило Гутиќ, млад ракометар од Црна Гора, кој во Битола пристигна пред една недела.

Гутиќ (генерација 2008) важи за голем потенцијал и е ракометар кој во иднина би можел да биде дел од сениорската репрезентација на Црна Гора. Перспективниот бек на Црна Гора потекнува од школата на Морнар Бар, а во последните две сезони настапуваше за младинските категории на бундеслигашот Штутгарт. 

Црногорецот во Битола ќе го носи дресот на Еурофарм Пелистер 2 и, според најавите, би требало да биде последното засилување за младиот суперлигаш пред стартот на новата сезона. Со своите физички предиспозиции и потенцијал, Гутиќ важи за еден од перспективните млади бекови од регионот, а престојот во Битола треба да му донесе дополнително искуство и можност за развој во сениорскиот ракомет.

Интересно е што Гутиќ не е првиот ракометар кој настапувал на меморијален турнир во Македонија, а потоа завршил во Еурофарм Пелистер 2. Пред неколку сезони (2023 година), на турнирот „Марко Божиновски“ настапуваше и Алем Хаџиќ, кој потоа го облече дресот на вториот, а потоа и на првиот тим од Битола, а од оваа сезона ќе игра во Бундес лигата. Сега ист пат има и Гутиќ, кој во 2024 година со Морнар Бар настапи на турнирот „Марко Божиновски“, а беше прогласен и за најдобар стрелец.

 

 

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе