Екипата на Прилеп го освои трофејот на 11. издание на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“, откако во финалето славеше над Тиквеш со 36:29 (17:12).
За разлика од претходните два натпревари, вечерва бековската линија на домаќините функционираше беспрекорно, па кавадарчани немаа решение за разиграните Кастратовиќ, Шипинкоски, Стојановски, Цветаноски…
Во вториот дел, односно од 40-та минута, домаќините почнаа осетно да ја зголемуваат предноста, на 11-12 минути пред крајот имаа водство од 30-21 и тука веќе немаше дилеми околу победникот.
Настапите на Прилеп во Струга и пред домашната публика покажаа дека тимот е подготвен за предизвиците кои го очекуваат во новата сезона, во која главната цел ќе биде пласман во плеј-офот од домашната елита.
Третото место им припадна на ракометарите на Еурофарм Пелистер 2. Битолчани во борбата за бронзата славеа над Мулти Есенс со 32:29, додека петтото место го освои Бутел по триумфот над Младост Богданци со 32:30.
По финалето, беа доделени и индивидуалните награди: Кристијан Симоноски од Еурофарм Пелистер е најдобар стрелец, наградата за најдобар голман заврши во рацете на Благојче Трајкоски од Прилеп, а за најкорисен играч беше избран калитенот на домаќините – Димитар Димитриоски.
Признанијата за особен придонес во прилепскиот ракомет им припаднаа на спортскиот новинар Миле Талески и спортскиот работник Драган Василески. Наградата за животно дело, пак, заврши во рацете на Димитар Богдан, поранешен голман и претседател на ТК „Бренд“.