Искусниот голман Славјан Паунов, кој по завршувањето на минатата сезона одлучи да стави крај на кариерата, повторно се врати меѓу стативите.
Паунов го имаше своето враќање минатиот викенд, на дуелот против Македонија Ѓорче Петров, а вечерва се промовираше во херој на Радовиш, откако одбрани пенал и спречи пораз на својот тим.
Во натпревар од 11. коло од Првата лига, Радовиш за ривал го имаше Овче Поле, а дуелот заврши без победник, 30:30. Иако гостите од Свети Николе беа на чекор до освојување на целиот плен, по истекот на времето Паунов го одбрани ударот од седум метри на Филип Петровски и му донесе бод на својот тим.
Неговото искуство несомнено ќе биде од голема помош за Радовиш во продолжението од сезоната и во обидот да оствари што подобар пласман во прволигашката конкуренција.
По 11 одиграни кола, Радовиш има биланс од четири победи, четири нерешени средби и три порази, односно 12 бода на свое конто.