Овој викенд на програмата во Првата кошаркарска лига ќе бидат натпреварите од 9. коло, а дербито на колото ќе биде одбележано во СРЦ „Кале“ каде ТФТ ќе го пречека актуелниот шампион МЗТ Скопје. ТФТ во досегашниот тек од сезоната има ефект (7-1), а клубот од Аеродром (6-2). Интересно е тоа што двете екипи загубија од Чаир по продолженија.
ТФТ во претходното, 8. коло беше подобар од Вардар, славеше со 80:79, додека аеродромци пред својата публика славеа над Кожув со 69:63. Последното соочување на ТФТ и МЗТ Скопје беше пред почетокот на новата сезона, на турнирот „Андреј Грковски Тафта“, тогаш „штрковите“ беа убедливи со 81:56.
Пелистер ќе го угости незгодниот Чаир, кој во Битола ќе атакува на 8-ми сезонски триумф. Битолчани во последните две кола беа поразени од Шкупи и Работнички, па така натпреварот со скопскиот тим ќе биде добра прилика да им се вратат на победите во прволигашката конкуренција.
Феникс втората сезонска победа ќе ја бара на гостувањето кај Кожув, додека сѐ подобриот Вардар ќе му гостува на ослабениот Тиквеш. Како што е познато, тимот од Кавадарци остана без својот најдобар играч и лидер на стрелците – Мајк Грин. Американецот поради повреда ќе го пропушти преостанатиот дел од оваа сезона.
Интересен натпревар се очекува да има во Гостивар каде истоимената екипа ќе биде домаќин на Шкупи. Двете екипи се борат за подобар пласан, засега Шкупи има ефект (8-3), а Гостивар (8-2).
ПРВА ЛИГА, 9. КОЛО, РАСПОРЕД:
07/12, 17:00, ТФТ – МЗТ Скопје
07/12, 17:00, Гостивар – Шкупи
07/12, 18:00, Куманово – Работнички
07/12, 18:00, Кожув – Феникс
08/12, 18:00, Тиквеш – Вардар
08/12, 18:30, Пелистер – Чаир