Младиот Лука Савовски е еден од најдобрите играчи во Младинската лига, во досегашниот тек од сезоната на шест натпревари постигна 69 гола, во просек 11,5 гола на натпревар. Савовски, кој има 16 години, уште од стартот на неговата кариера настапува во РК Кузман. Оваа сезона игра паралелно во прволигашката и младинската конкуренција, а неговите одлични настапи сигурно ќе бидат забележани од клубовите кои инвестираат во млади кадри. 16-годишниот среден бек со својата игра на терените покажува дека поседува голема ракометна интелигенција и ги има сите епитети да стане препознатлив на домашна сцена.
Зошто го одбра ракометот покрај сите спортови, што најмногу те привлече кај овој спорт и како поминува еден твој ден во неделата?
„Како мал тренирав повеќе спортови, прво започнав со фудбал, потоа тренирав кошарка, пливање…тука беше и ракометот. Кога имав шест години, татко ми ме советуваше да одберам еден спорт, оној спорт во кој најмногу се пронаоѓам, бидејќи најмногу ми се допаѓаше ракометот, него го одбрав и мислам дека го направив вистинскиот избор. Еден мој ден обично изгледа така што наутро станувам и почнувам да се подготвувам за на училиште, но во едно и за тренинг (се смее), бидејќи веднаш после училиште одам на тренинг со сениорскиот тим. Кога ќе завршам со училиштето, одам на тренинг, а после тој тренинг имам време да дојдам дома, да одморам и завршам домашни обврски, по што вечерта одам на тренинг со младинскиот тим. Тешко е, но кога имаш цел пред себе, гледаш само како да ја оствариш, не е важно каков ќе биде патот. Откажување никогаш не е опција за мене.“
Оваа сезона младинците на РК Кузман играат под името на РК Металург РА и веќе доби шанса да настапуваш во првиот тим. Може да се каже дека нѐ поминуваш незабележително, како си задоволен од досега прикажаното?
Од досега прикажаното искрено сум многу задоволен и се трудам сѐ повеќе, шансата да играм во првиот тим е ново искуство за мене на кое сум многу горд.
Каква е атмосферата во тимот? Како е да се игра за првпат во сениорска конкуренција, дали си добро прифатен од останатите играчи, дали те советуваат нешто?
„Атмосферата во тимот е одлична, да се игра првпат во сениорски тим е голем предизвик за мене, но и големо задоволство, како и одговорност. Добив поддршка од тренерот и играчите, сите се коректни кон мене, знаат да ми дадат по некој совет и критика. Навистина добро се чувствувам таму и се трудам секој ден да се докажам сѐ повеќе.“
Од твојот почеток остана да тренираш во РК Кузман, што е она што те привлече да останеш таму, каква е соработката со твојот тренер? Дали може да ни кажеш нешто повеќе за односот со тебе кон тебе и останатите играчи?
„За да останам толку време во еден тим важно ми е да имаме добра атмосфера и добри односи меѓу играчите и добар однос од страна на тренерот. Во овој тим ме привлече токму тој однос на тренерот Александра Кузмановска, како со мене, така и кон останатите играчи. Многу е посветена на работата и таа нас нѐ ни е само тренер, туку и пријател и родител во едно. Таа нѐ советува внатре на теренот, но и надвор од теренот, нѐ учи на вистинските вредности, да бидеме и добри луѓе, а не само добри играчи. Можам да кажам дека таа е најзаслужна за секој мој успех. Нејзината подршка и слободата која ми ја дава во играта многу значи за мојот напредок. Што е најважно, ме научи да верувам во себе. Во овој тим има големо другарство, а тоа е многу битно за да напредуваме.“
Како што истакнавме претходно, ссвен за сениорскиот тим на Металург РА, настапуваш и за младинскиот тим, како успеваш да постигнеш сѐ?
„Голема предност е училиштето кое што го учам, одиме само прва смена, па можам да постигнам. Но голема благодарност ја имам и до професорите, тие ме пуштаат неколку минути пред завршување на последен час (се смее), а некогаш и целосно ме ослободуваат.“
Дали имаш некој ритуал пред натпревар, како го поминуваш слободното време и имаш ли некои идоли во ракометот?
„Пред натпревар нешто како ритуал ми е да слушам музика. Слободното време го поминувам со фамилијата, или на излегување со девојка ми и другарите, прошетка во природа…Како хоби можам да го издвојам изработување на веб страници. Во ракометот идол ми е Лук Стеинс, кој игра за мојот омилен клуб ПСЖ, го следам и се трудам да го применам неговиот стил на игра. Од македонските играчи омилен ми е нашата легенда Кире Лазаров, ракометар кој имаше беспрекорна кариера.“
Какви се твоите амбиции и дали во иднина се гледаш во дресот на помладите селекции на Македонија?
„Моите амбиции се еден ден да дојдам до можност да сум во дресот на сениорската репрезентација и на мојот омилен тим ПСЖ. Веќе еднаш бев на поширок список за репрезентацијата 2008, но сѐ уште нема официјален собир на мојата генерација. Се надевам дека ќе се најдам на скратениот список на репрезентативци и ќе се борам тоа да го исполнам.“
На овој ЛИНК можете да ги прочитате останатите наши интервјуа.