Ракометарите на Еурофарм Пелистер утре на свој терен ќе се соочат со Динамо Букурешт во рамки од 12. коло од Лигата на шампионите. За пелистерци натпреварот против романскиот шампион е еден од клучните за одржување на шансите за пласман во осминафиналето.
Тимот предводен од Давид Дејвис на свое конто има 10 бода, додека пелистерци на 11 натпревари успеаја да освојат четири помалку, односно шест.
„Динамо Букурешт е одличен тим и има врвни ракометари на сите позиции и ги води одличен тренер како Давид Дејвис. Овој проект го започна Чави Пасквал, а Дејвис продолжи по истиот пат. Сепак, ние играме дома и знаеме дека сме многу силен тим пред нашите гледачи. Тие се важни за нас, ни даваат нова енергија и спремни сме а да одиграме добар натпревар. Сите натпревари во Лигата на шампионите се важни, но енергијата и поддршката од нашите навивачи ни се нов адут да дојдеме до позитивен резултат. Ни треба посебна вечер за да бидеме успешни“, изјави тренерот на Еурофарм Пелистер, Раул Алонсо.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Динамо Букурешт се игра утревечер во салата „Боро Чурлевски“ со почеток во 20:45 часот.