Екипата на Астраион од Струмица во последното коло од регуларниот дел од Првата лига на свој терен, во спортската сала „Парк“, ќе го пречека тимот на Мулти Есенс, а овој натпревар ќе има хуманитарен карактер. Собраните средства ќе бидат донирани на семејствата на загинатите од големата трагедија во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Секој навивач ќе може сам да одлучи колку ќе плати за влезницата, а дополнително ќе биде поставена и кутија за донации во салата. Ракометарите на Астраион ги повикуваат сите спортски љубители од Струмица и околината да се приклучат на оваа иницијатива и да дадат свој придонес за погодените семејства.
Овој натпревар не е само спортски дуел, туку и гест на поддршка и солидарност, со надеж дека оваа акција ќе биде барем мал знак на поддршка за семејствата кои поминуваат низ тежок период.
Натпреварот е закажан за утре, 24 март, со почеток од 20:00 часот.