Со сосема променет систем за натпреварување, зголемен број на екипи учесници, вечерва ќе стартува новото издание на АБА 2 лигата. Промените вклучуваат поголем број на клубови кои влегоа во оваа второлигашка јадранска конкуренција, што од друга страна „предизвика“ и промени во системот за натпреварување.
Раководството на АБА лигата процени дека наместо оние турнири во текот на натпреварувачката сезона кои „беа на сила“ во изминатите неколку сезони (условени со појавата на корона-вирусот), да бидат формирани четири натпреварувачки групи (А, Б, Ц и Д ) во кои ќе има и по четири екипи-учесници.
Во првата фаза секоја од екипите ќе одигра по шест натпревари, три на домашен и исто толку на гостински терен. По шест одиграни кола, првопласираните две екипи од секоја група обезбедуваат пласман во следната фаза од натпреварувањето во која ќе бидат формирани нови две групи (Е и Ф).
Во ТОП 8 фазата ќе се одиграат уште шест кола по кои двете најдобри екипи од двете групи, ќе се пласираат во полуфиналето на плеј-офот.
Четирите најдобри екипи ќе се борат за место во финалето во серија „подобар од три натпревари“ (1-1-1), а според истиот систем ќе се игра и финалната серија.
Претставници на Македонија ќе бидат шампионот, МЗТ Скопје, финалистот на плеј-офот, Пелистер, како и третопласираната екипа од минатата сезона – Работнички. МЗТ Скопје вечерва пред својата публика ќе го пречека Теодо од Тиват, тимот на Работнички на 26 септември во СРЦ „Кале“ ќе биде домаќин на Сутјеска од Црна Гора, додека Пелистер на 1 октомври во Битола ќе биде домаќин на Широки во рамки од првото коло.
ГРУПА А: МЗТ Скопје, Хелиос, Цедевита Јуниор, Теодо
ГРУПА Б: Војводина, Сутјеска, Босна, Работнички
ГРУПА Ц: Подгорица, Широки, Пелистер, Вршац
ГРУПА Д: Златибор, Борац, Илирија, Шибенка
ДВОЈКИ 1. КОЛО
24.СЕПТЕМВРИ (ВТОРНИК)
18.00: МЗТ Скопје Аеродром – Теодо
25.СЕПТЕМВРИ (СРЕДА)
18.00: Цедевита Јуниор – Хелиос
20.00: Војводина – Босна
26. СЕПТЕМВРИ (ЧЕТВРТОК)
18.00: Работнички – Сутјеска
1.ОКТОМВРИ (ВТОРНИК)
18.00: Пелистер – Широки
20.00: Илирија – Борац
2.ОКТОМВРИ (СРЕДА)
18.00: Шибенка – Златибор
21.00: Подгорица – Вршац