Најдобриот стрелец и лев бек од кадетскиот Ф4 2023/24, Панче Ристевски, денеска го одигра својот најдобар натпревар во дресот на Македонија Ѓорче Петров.
Неговиот тим, во рамките од 25. коло во прволигашката конкуренција, гостуваше во Гевгелија кај Партизан и успеа да си замине со победа, триумфирајќи со 40:37 (20:20).
Ристевски беше прво име кај победничкиот состав со 10 погодоци, а голема поддршка имаше од Бојан Чакалиќ, кој постигна девет, како и Мартин Бучуковски со седум реализации.
Кај домаќините, играчот со суперлигашко искуство Илија Пејковски натпреварот го заврши со десет погодоци.
За Македонија Ѓорче Петров ова беше 15-та сезонска победа, со која се доближи на само еден бод до четвртопласираниот Вардар Неготино. Токму овие две екипи ќе се соочат во последното коло од сезоната.
Вардар Неготино моментално има 32 бода, додека „лавовите“ по новата победа стигнаа до 31 бод. Неготинци во 25. коло ќе имаат тежок натпревар со лидерот Мулти Есенс.