ИНТЕРВЈУ ЕДИС НУРИ: Патот до успехот трае вечност, а уживање во него – само 5 минути

1.275

Тимот на ТФТ сезоната ја започна според планираното, има максимален ефект, односно „четири од четири“ и моментално е единствениот тим без пораз во домашниот шампионат. Еден од најискусните кошаркари во Македонија, Едис Нури, во интервју за Спортска Димензија зборуваше за амбициите на ТФТ, големиот успех во 2022, за организацијата во клубот, финансиите и други теми…

ТФТ од маалски клуб успеа за краток временски период да стане значаен фактор во мак-баскетот, а секоја сезона амбициите на поранешниот Куп освојувач се јасни – едно скалило погоре во однос на претходната сезона. Колку беше тешко ТФТ да стане еминентен дел од македонската кошарка, за кратко време да искуси настапи и во АБА 2, БИБЛ лигата, да игра квалификации за ЛШ, притоа во 2022 година да направи сензација, освојувајќи го трофејот во Купот на Македонија, но и да постигне забележителни резултати, искусниот Нури коментара во продолжение:

„Секоја година целта на клубот за сметка на претходната, е да напредува, при тоа, да негува и гради соодветен, би рекол препознатлив стил на игра, стил кој не карактеризира и дефинира како колектив во изминатите 5 години. Јас како играч и како капитен на тимот би посакал сезоната да заврши со што помалку повреди, играчите да напредуваат индивидуално, клубот да атакува на највисоките позиции, како во првенството, така и во Купот, и на крајот, да избориме пласман кој ќе ни овозможи европско натпреварување. Со вистински луѓе, луѓе кои сонуваат, луѓе кои се подготвени да жртвуваат личен комфорт за повисока цел, воедно способни да одговараат на сите предизвици, вон и на теренот, па дури и со минимална финансиска конструкција каква што сѐ уште ја имаме, можам одговорно да кажам дека возможно да се постигне скоро сѐ што сте зацртале како цел. Дали очекував успех од такви размери? Можеби помалку од некои други луѓе во клубот. Јас сум човек кој сака да гледа на работите реално, приземно, но во исто време и храбро, без страв кога се работи за предизвици. Во секој случај, таа сезона (2021/22) ќе биде за паметење.“

ФОТО: КФСМ

ТФТ си има свој рецепт по кој успешно чекори, а добрата работа во клубот, пред сѐ на управата и сите кои се инволвирани, ѐ и добра подлога за клубот да биде посакувана средина за домашните играчи.

„Пред сѐ, луѓето кои се ангажираат и кои работат во клубот мора да имаат високи човечки и интелектуални капацитети. Истите треба и да се вљубеници во спортот, да не речам фанатици. Луѓе кои се чесни и со капацитет, многу полесно можат да ги реалзираат зацртаните цели на клубот. Што се однесува до стратегијата од аспект на играчи и тренери, секогаш гледаме да имаме база од македонски играчи, спој на младост и искуство, таргетираме млади играчи кои доаѓаат од САД, а тренерите внимателно ги следиме, и секој пат ангажираме перспективни тренери со нови идеи. Доказ за правилната работа на клубот се и трансферите по секоја сезона кога гледаме како најбогатите македонски клубови ги потпишуваат нашите играчи, странците одат во поквалитетни лиги каде што се лидери во своите тимови, а тренерите секогаш се барани како на домашниот пазар така и во странство. Дополнително, дел од играчите стануваат членови на соодветните репрезентации, што е случај и со тренерите“, вели Нури.

 

ТФТ сезона 2024/25

На прашањто која е визијата на ТФТ за во иднина, капитенот кратко и јасно одговори:

„Можеби ќе звучам нескромно, но нашат крајна цел е Евролига. Кога ќе се реализира таа наша замисла тешко е да предвидам. Но секој потег што го правиме е во таа насока”.

Нури во 2022 година со ТФТ го освојува трофејот во Купот на Македонија. За Нури, кој има 42 години, тоа беше прв трофеј во својата богата кариера.

„За мене кошарката е игра. Сите ние сме деца на некој начин, кој повеќе кој помалку, и сите ние сакаме да се играме. Според мене, не постои подобар полигон за игра, надмудрување, натпреварување, од кошарката. Не постои замор или проблем кој може да ми ја одземе желбата да се играм и поигрувам со соиграчите и противниците. Самото подигнување на трофејот не е ни приближно емотивно и возбудливо како процесот, односно патот кој треба да се изоди додека не се стигне до него. Патот до успехот трае вечност. Уживање во него – само 5 минути…..“.

Освен што е капитен, Нури во ТФТ има различни улоги, понекогаш и да го вози комбето кога клубот има гостување. Освен Нури, и останатите играчи помагаат надвор од теренот. Сето тоа ТФТ го прави големо семејство и клуб кој полека, но сигурно ги освојува симпатиите на љубителите на домашната кошарка.

„Сите ние (барем повеќето од нас) имаме дополнителни обврски надвор од теренот. Да се води клуб не е лесно, а ние не сме во можност како останатите клубови да имаме и администрација покрај спортскиот колектив. Кај нас можете да видите како капитенот го вози комбето кога се оди на гостување, тренерот како се грижи за интернетот во становите на странците, главниот шутер како бруси и заварува шипки за декорација пред почеток на турнир, заменик капитен како дегустира јадења кај нашите пријатели-спонзори, со цел изготвување соодветно мени од страна на кондициониот тренер… Интересно е да си член на ТФТ“.

Во ТФТ, моментално, има четворица странски играчи, сите од САД. За клуб, посебно од Скопје, знаеме дека странските играчи, посебно оние кои не доаѓаат од екс-ју земјите  имаат проблем за адаптација, но тоа не е во случај во ТФТ, а главен виновник за лесното прилагодување на странците во домашниот шампионат е токму Боро Смилковски.

„Тренерот и сопственик на клубот, Боро Смилковски е одговорен за тој дел од работењето на ТФТ. Тој е единствениот виновник зошто ТФТ има одлична комуникација со агентите и скаутите од САД и зошто без проблем ТФТ може да потпише играчи кои сѐ и за повисок ранг-квалтитет на натпреварување. Мое мислење е дека тие пред да дојдат во ТФТ имаат впечаток дека доаѓаат во Партизан и дека ќе играат Евролига. Впрочем, тоа се и нашите амбиции“.

Клубот од Тафталиџе натпреварите ги игра во СРЦ „Кале“, а на прашањето дали ТФТ може во иднина да добие свој дом и колку клубот е стабилен финансиски, Нури одговори:

„Ова е добро прашање. Сонуваме за наш дом. Дури и без финансиска поддршка од државата, кадарни сме да истуркаме еден таков проект. На парче земја со комплетна документација и сите потребни дозволи во Скопје за ваква намена делува како каменот на Сизиф кој го турка везден нагоре-надолу. Со многу малку труд и желба, локалната и централната власт можат да препознаат квалитет и перспектива во ТФТ и да овозможат реализација на една ваква идеја која претставува основна потреба за било кој спортски колектив кој има сериозни амбиции. Околу финансискиот дел, можам отворено да кажам дека се мачиме. Надвор од ваучерот, и помошта на пријатели, ние како клуб немаме други приходи. Сериозно ниво на професионалност не е возможно без финансиски средства. Ентузијастите кои го опкружуваат клубот, не можат вечно да бидат тука за него. Потребна е институционална ‘‘нега‘‘ како и малку подобар сенс од приватниот капитал во Македонија. Но не се жалиме. Туркаме и ќе туркаме“.

Нури кога не е на кошарка, тогаш времото го искористува за други активности – планинарење, а кога ќе биде крајот на неговата играчка кариера, сѐ уште не знае.

„Немам слободно време. Најмногу трпат најблиските поради тоа. Кога не сум на кошарка, јас сум на планина. Многу е тешко да се предвиди кога ќе биде крајот на мојата играчка кариера, согласно тоа, тешко ѐ и да се планира. Идеално сенарио? Куќа на планина без електронски уреди“.

Капитенот на ТФТ даде свое мислење за младите играчи, кои на мала возраст започнуваат интернационална кариера.

„Кога се работи за вонсериски таленти, многу е тешко да задржиш млад талент во домашен клуб, пред сѐ поради фактот што во Европа и во САД условите за усовршување сѐ на далеку повисоко ниво од условите во Македонија. И мислам дека не би ни требало да имаме проблем со тој феномен. Вистинското прашање е дали навистина се работи за вонсериски таленти или тие млади момчиња и девојки многу често се доведени во заблуда од страна на нивните блиски, тренерите, менаџерите… Дали би сакал младите играчи да ги гледам на нашите терени? Секако да. Но, за тоа мораме да создадеме многу подобри услови. Најпрво стратегиски, потоа инфраструктурни, кадарни и на крајот финансиски“, заврши Нури.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе