Еден од ракометарите кои настапуваше за младинските селекции на Македонија и беше дел од генерацијата што ја совлада Франција на Европското младинско првенство во Хрватска во 2024 година, Андреј Стојановски, без сомнение е меѓу играчите кои покажаа најголем напредок во однос на претходната сезона од генерацијата 2004/05.
На 31 натпревар сезонава, Стојановски во дресот на Пролет постигна 125 погодоци, а особено се истакна со своите настапи против екипите од „големата четворка“ во регуларниот дел од шампионатот. Неговиот континуиран развој не остана незабележан, па следната сезона ќе го носи дресот на Прилеп.
За младиот лев бек, преселбата во Прилеп ќе претставува посериозен предизвик, имајќи ги предвид високите амбиции на клубот и желбата да обезбеди пласман во ТОП 6, односно во плеј-оф фазата наредната сезона. Стојановски покрај позицијата лев бек, може успешно да одговори и на задачите како организатор на играта, што ќе му даде дополнителна вредност на прилепчани.
Претходно, амбициозниот Прилеп го ангажираше Петар Марковски, потоа искусниот голман Благојче Трајкоски, додека соработката беше продолжена со Никола Шипинкоски, тренерот Наум Танески и најдобриот суперлигашки стрелец Димитар Димитриоски.